Рекоа...

 

 

mihail-rendzov Кон книгата „Македонски приказни за Филип и Александар“ од Жан Митрев

 

Раната есен 2011 година го имав ракописот „Македонски приказни за Филип и Александар“, дело на познатиот македонски исцелител Жан Митрев, прочуен кардиохирург, медицинар, кој високо се искачи во совладувањето на медицинската наука и најдлабоко слегнал во тајните на лечебноста со хируршката методологија. И искрено да ви речам не бев изненаден од овој ракопис во кој овој хирург се опитал низ креативноста на зборот да се искаже себе си.

 

Збирката приказни за македонскиот цар и неговиот син се однесуваат на царот Филип и Александар Македонски, длабоката опсесија на овој хирург, како што впрочем и ја наслови својата клиника. Знаев дека Жан Митрев е вљубеник во македонската историја, посебно во нејзиниот антички дел. Со нескриено љубопитство го прочитав ракописот сочинет од осум сказни и приказни кои авторот ги слушнал, ги доживеал и се опитал да ни го соопшти и нам, користејќи го својот вокабулар на устен раскажувач, небаре усти и благоусти неговиот изворник од детството. Книгата е умно сочинета, чиниш со насловите на приказните како да ја соопштува нејзината содржина и сржта на неговото раскажувачко ткиво: Тргнува со насловот на неговата прва приказна „Моќта на орото“, за да заврши со приказната „Љубовта победува се“, суштината на неговото раскажување. Приказната „Дивиот коњ“ е средишница на овој ракопис, приказна кајчисто напишана и соопштена, со намера да се покаже дека добрината ја носи победата, а не злото и пакоста.

 

Последната приказна насловена како „Љубовта победува се“ ја соопштува основната мисловна нишка со која се поврзани сите осум приказни, и може да се рече дека тоа е целта на раскажувачот во опишувањето на македонските цареви: Филип и Александар.

 

Сите осум приказни заради искреноста и чистотата на раскажувањето се читаат без замор, го држат љубопитството на читателот до крај. Се чини авторот на приказните како самиот да ги доживеал судбините на големите македонски цареви, како и самиот да се соочил со дилемите и размислите на големиот татко и неговиот син, големите македонски воини. Авторот понекогаш е возбуден и треперлив како и тие, понекогаш е љубопитен и заинтересиран како да се решат некои воени загатки, соучествува со настаните и времето во кое тие настани се случуваат. Тој го соопштува сознаеното и ја плете својата приказна и без празнословие, на читателот му ја соопштува осознаената вистина за македонските цареви без филозовски додавки и без високосрчани емоции.

 

Во секој случај, интересно и поучително четиво како за децата, така и за возрасните.

 

На крајот искрена благодарност кон авторот Жан Митрев за безброј испишаните страници врз срцата на пациентите кои со своето биење го огласуваат неговиот исцелителен ракопис, благодарност од читателите на неговото писание, на ракописот што ни го остави за да се радуваат сите во чии раце ќе се најде оваа книга сочинета од рацете и умот на Жан Митрев, богатникот.

 

Михаил Ренџов